Околу 2.000 апликации за 50 извршители во МВР

По истекување на рокот за аплицирање, заврши првата фаза од приемот на 50 извршители со високо образование во Министерството за внатрешни работи. Во законски предвидениот термин досега вкупно аплицирале 1.914 лица или во просек по 40-тина заинтересирани за едно место.

Бројот на кандидати не е конечен заради можноста заинтересираните и по пошта да ги испраќаат своите документи во предвидениот рок, соопшти денеска МВР.

За предвидените седум места со завршено образование од областа на информатичка технологија, електроника, телекомуникации, автоматика или вештачка интелигенција, како и 4-те места со завршено образование од областа на телекомуникациите, конкурирале 209 заинтересирани.

За предвидените 10 места со завршен Природноматематички факултет – насока хемија и биологија, конкурирале 224 кандидати. За две места со завршен Природноматематички факултет – насока физика, конкурирале 14 заинтересирани. За предвиденото едно место со завршен Машински факултет – насока моторни возила, конкурирале 29 заинтересирани.

За предвидените осум места со завршен Правен факултет од кои за три се бара и положен правосуден испит, конкурирале 448 кандидати.За осум места со завршен Економски факултет – насока банкарство и јавни финансии, конкурирале 412 заинтересирани. За предвидените 10 места со завршен Факултет за безбедност, конкурирале 500 кандидати.

Со други факултети кои не беа предвидени во јавниот оглас се јавиле 78 лица.

Согласно, Правилникот за начинот и постапката на селекција и избор на лица кои засноваат работен однос во Министерството за внатрешни работи, стои во соопштението, следува административна проверка на поднесената документација, потоа спроведување на писмено тестирање (стручен, општообразовен тест), психолошки тест, интервју и здравствени прегледи. Селекцијата на кандидатите ќе се спроведува по пат на тестирање за нивната стручна оспособеност за делот во кои аплицирале.

Спроведувањето на втората фаза од постапката за селекција – административна проверка, ќе се изврши со утврдување на навременоста и потполноста на поднесената документација, како и исполнетоста на пропишаните услови наведени во огласот.

Третата фаза, писменото тестирање кое опфаќа (општо образовен тест и стручен тест), ќе се спроведува само во однос на оние лица за кои во првата фаза е утврдена уредна документација и ќе се изврши истовремено во определено место, на посебно изготвени тестови со соодветна заштита за анонимност при нивното бодирање при што Комисијата за селекција и избор на лица кои засноваат работен однос во Министерството за внатрешни работи, ќе ги утврди постигнатите резултати, односно бодовите, за секое лице поединечно.

Интервјуто како четврта фаза во постапката за селекција ќе се спроведува со секој кандидат поединечно од страна на Комисијата или стручни лица кои таа ќе ги определи.

По извршеното бодирање, Комисијата изготвува ранг листа на кандидати. Најдобро рангираните кандидати, согласно бројот на извршители предвиден во јавниот оглас ќе бидат упатени на здравствени прегледи што ќе се вршат од страна на Здравствената комисија, согласно прописите за здравствените и психофизичките способности што треба да ги исполнува лицето кое заснова работен однос во Министерството за внатрешни работи.

При спроведувањето на секоја фаза од постапката за селекција, освен при административната проверка и здравствените прегледи, ќе се врши бодирање на постигнатите резултати за секое лице од страна на Комисијата или стручни лица кои учествувале во спроведувањето на соодветната фаза од постапката за селекција.