Околу 20 милиони луѓе на прославите на Денот на победата во Русија

Околу 20 милиони луѓе учествуваа на официјалните прослави во Русија по повод 70-годишнината од победата во Втората светска војна, јави ТАСС, повикувајќи се на руското министерство за внатрешни работи, објави МИА.

Според портпаролката на министерството Елена Алексеева, околу 20 милиони луѓе се приклучиле на церемониите на Денот на победата, а само во главниот град учествувале над 3 милиони луѓе.

Милиони луѓе во население места од Калининград до Камчатка посетиле околу 14 илјади прослави, воени паради, акции и положување венци пред паднатите борци.

Во акцијата „Бесмртен полк“ во повеќе руски градови, вклучително Москва и Санкт Петербург, учествувале 12 милиони лица, јави ТАСС.

Според организаторот на движењето „Бесмртен полк“ Николај Земцов, во населени места низ Русија каде е спроведена акцијата, во маршот се вклучиле над 12 милиони луѓе. Учесниците на маршот „Бесмртен полк“ носат портрети и слики на своите блиски, кои се бореле или загинале на фронтот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.