Околу 235.000 бегалци во Либија чекаат да тргнат за Италија

Директорот на мисијата на ООН во Либија, Мартин Коблер, предупреди дека моментно во земјата има околу 235.000 мигранти, кои „чекаат можност да заминат за Италија“, јавуваат италијанските медиуми, пренесува Нетпрес.

Тој рекол дека новиот бран бегалци во многу блиска иднина ќе ја преплави Италија. Според него, од почетокот на годинава до сега, по воден пат во Европа пристигнале повеќе од 300.000 мигранти.

Коблер ја поврзува миграцијата со тероризмот и посочил дека и двата феномена се симптоми на едно исто заболување, а тоа е „недостаток на држава“.

Без воспоставување на владеење на законот во Либија, тероризмот и брановите бегалци ќе продолжат. Нашите проценки се дека околу 235.000 мигранти во моментов чекаат можност да заминат за Италија и тие ќе го направат тоа во најблиска иднина, убеден е Коблер.

Тој дополнил дека коренот на проблемите е во „големата сиромаштија во земјите  од каде доажаат бегалците“, и тој проблем мора да се реши ако Европа сака да го сопре протокот на мигранти.

Битката прво треба да се води во нивните земји, ако има желба за запирање на протокот низ Либија, смета директорот на мисијата на ООН, Коблер.