Околу 250 деца во Македонија живеат без семејства

Со цел да се изнајдат начини за обезбедување услови за секое дете во земјата да расте во безбедна и грижлива семејна средина денеска во Скопје ќе се одржи конференција на тема „За секое дете, семејство“.

На конференцијата ќе се говори за превентивните активности и поддршката на биолошките семејства и развивањето нови форми на згрижување и заложбата на Владата до 2020 година да се стави крај на сместувањето на деца без родители под тригодишна возраст во големи институции.

Учесниците на конференцијата ќе дискутираат за развивањето на системот на згрижувачки семејства, за инвестиции во подобрување на квалитетот на алтернативни решенија за грижа преку нивна стандардизација, вложување во рана детекција и рана интервенција, и вложување во самите деца преку зголемување на инвестициите во предучилишното образование и раниот детски развој.

На конференцијата ќе се обратат министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, шефот на Делегацијата на Европската унија, Самуел Жбогар и претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс.

Конференцијата е во организација на Министерството за труд и социјална политика заедно со УНИЦЕФ, и на неа ќе учествуваат околу 300 учесници за да разговараат околу начините за забрзување на оваа реформа.