Околу 3.000 бегалци од Унгарија пристигнаа во Австрија

Помеѓу 2.500 и 3.000 бегалци утрово од Унгарија преминале во Виена.

Тие изутринава пристигнале на граничниот премин Никелсдорф, а унгарските власти ги префрлиле со автобуси откако се обиделе пеш од Будимпешта да пристигнат до Австрија.

Директорот на полицијата во покраината Бургенланд, Ханс Петер Доскоцил изјави дека салата „Нова Рок“ во Никелсдорф, каде се пренасочени мигрантите, е преполна со околу 500 бегалци, а други 500 се префрлени во Парндорф.

Воз со околу 400 лица утрово тргна кон Виена, а други возови се очекува да тргнат во текот на денот.

– Се наоѓам на граничниот премин со Унгарија и гледам како бегалскиот бран не застанува, истакна Доскоцил.

Тој нагласи дека се очекува пристигнување на 17-18 двојни автобуси, кои ќе се користат за пренесување на бегалците до Виена, а можеби и во правец на Германија. Според него,  мигрантите се мирни, но се создава метеж при доаѓањето на автобусите и влегувањето во воз.

– Ситуацијата е повремено хаотична бидејќи не постои подготвеност за соработка од унгарската полиција, додаде Доскоцил.