Македонија,Економија

Околу 3.500 Македонци лани работеле во Црна Гора

Околу 3.500 Македонци лани работеле во Црна Гора

Околу 3.500 Македонци во текот на минатата година работеле во Црна Гора, а се очекува и оваа година толку македонски работници да работат на црногорското приморје, рече денеска директорката на Заводот за вработување на Црна Гора, Вукица Јелиќ.

„Минатата година беа издадени 3.500 работни дозволи за Македонци и оваа година очекуваме дека најмногу ќе се ангажираат за градежните работи бидејќи Македонците се познати како добри мајстори, а очекуваме и голем број Македонци и оваа сезона“, истака Јелиќ, по потпишување на Меморандум за соработка со македонската агенција за вработување.

Најбарани во Црна Гора се секако градежните работници, но оваа земја, во која што се најавуваат повеќе крупни инвестиции, се и високостручни менаџери, информатичари и електроинженери.

Многу е едноставна процедурата за добивање работна дозвола, потенцираше таа, бидејќи е потребно да се обратат до Заводот за вработување на Црна Гора, каде што се добива работна дозвола, а потоа треба да се пријават во Министерството за внатрешни работи на Црна Гора каде што ќе ја добијат дозволата за престој.

„Потпишавме меморандум за соработка меѓу АВРМ со тоа што на хартија ќе ги ставиме нашите соработки што ги имаме со Црна Гора и ќе имаме добар проток и увид на сите оние работници кои работат во Црна Гора како сезонски така и редовно и ќе можеме на нашите граѓани заинтересирани за работа во Црна Гора, но и на црногорските граѓани за Македонија да им овозможиме соодветни информации  за сите начини и постапки како да го остварат тоа“, рече денеска директорот на АВРМ, Влатко Поповски.