Oколу 3.500 мигранти заминале од Гевгелија кон Табановце за 12 часа

Околу 3.500 мигранти изминатите 12 часа транзитирале низ територијата на Република Македонија од прифатниот камп во Гевгелија до Табановце.

Според евиденцијата на УНХЦР, невладините организации и Меѓународниот Црвен крст, за неполни осум часа, од 22 часот и 30 минути ноќеска до околу 6 часот утрово, од јужната кон северната граница заминале 2.850 мигранти со специјалните возови на Македонски железници, а останатите со првиот утрински воз се упатиле кон Табановце откако претходно биле прифатени и евидентирани во гевгелискиот камп.

Како што јави дописникот на МИА, на сите мигранти кои пристигнуваат во прифатниот камп во Гевгелија веднаш им се дава потребната помош, затоа што тие инсистираат што побргу да го продолжат патот кон земјите од ЕУ.

Меѓународниот Црвен крст соопшти дека во наведениот период нивните активисти поделиле 127 пакети вода, 543 пакети со прехранбени продукти, 219 ќебиња,11 пакети за бебиња, исто толку пакети за лична хигиена и 10 памперс пелени, а нивните медицински екипи извршиле 395 интервенции.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.