Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Михаил Цветков денеска соопшти дека околу 30 фирми се пријавиле на огласот за пројавување интерес за закуп на земјоделско земјиште во Џумајлија.
– Во тек е разгледувањето на понудите. По изборот на најдобарата, ќе биде распишан и огласот за издавање под закуп на ова земјиште, рече Цветков, одговорајќи на новинарско прашање пред почетокот на седницата по повод пет години од формирањето на здружението „Вина од Македонија“.
Министерството за земјоделство во март годинава го објави повикот за интерес за закуп за земјиштето во Џумајлија кое му припаѓаше на индискиот бизнисмен Субрата Рој, а рокот за поднесување бизнис планови беше до 22-ри април.
На лицитација беа четири географски целини со вкупна површина од 4.435 хектари чија почетна цена се движеше од 89.000 евра до околу 102 илјади евра зависно од нивниот квалитет, локацијата и големината.
Лани Македонија еднострано го раскина договорот со компанијата на Субрата Рој „Сахара Индиа Паривер“, бидејќи компанијата не ги испочитува условите од договорот. Министерството за земјоделство ја активираше банкарската гаранција од три милиони евра.