Околу 4.300 лица вработени преку проектот за вработување млади до 29 години

Околу 4.300 лица се вработени за осум месеци, што значи дваесеттина лица секојдневно, или, пак, како да се отвориле четири нови фабики по над 1.000 вработени, истакна денеска премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање.

Проектот овозможува работодавачот кој ќе вработи лица до 29 години една година да биде ослободен од плаќање на придонеси што е 27 проценти од исплатената бруто плата.

– Претходно имавме донесено измени да не го плаќаат и персоналецот една година, така што ако го земеме и тоа предвид тоа е 10 проценти повеќе, односно околу 37 проценти од бруто-платата. Тоа е значително олеснување на работодавачите и охрабрување и мотивирање да вработат млади лица до 29 години, истакна премиерот.

Проектот, чија реализација е овозможена со законски измени, ќе важи две години. Започна во март 2014 и треба да заврши во март 2016 година.

– Проектот ќе продолжи да се реализира онака како што го замисливме. Се надевам дека и работодавачите ќе го искористат до максимум, бидејќи е временски ограничен, рече Груевски.

Потсети и дека се реализра и еден друг сличен проект кој се однесува за младите лица кои сакаат самите да започнат бизнис.

– Во тој случај тие можат да добијат позајмица од седум до 23 илјади евра доколку се здружат, односно вработат уште неколку лица, но не повеќе од пет. Ќе имаат грејс-период од 18 месеци, 84 месеци рок на враќање и минимална камата од еден процент, истакна премиерот.

Додаде дека и во овој случај работите одат добро. Поднесени се околу 300 апликации. Досегашните искуства од минатото покажуваат дека околу 90 проценти од апликациите се прифаќаат. Повиците за овие средства  се објавуваат секој месец, а следниот ќе биде на почетокот на ноември.

И ова, посочи премиерот Груевски, е значаен проект со кој младите сами си наоѓаат работа, односно со отворање на некој бизнис се вработуваат и себе, но можат да вработат и други лица со поддршка на државата, односно со проект кој државата го дизајнираше и е исклучително поволен за отпочнување на бизнис.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.