Околу 45 000 пациенти не дошле на закажаниот термин

Само во месец октомври, околу 45 илјади пациенти не дошле на закажаниот термин, а неискористени останале вкупно 48,795 веќе закажани термини. Исто така, од почетокот на годината, досега неискористени останале вкупно 672,732 упати, а на закажан преглед не дошле 420,103 пациенти, покажуваат податоците од Мој Термин.

Министерот за здравство Никола Тодоров изјави дека со ова, на здравствениот систем неоправдано му се потрошени 168,180 часа од почетокот на годинава.

Инаку, бројката на приоритетни упати за месец октомври изнесува околу 60 илјади упати. Оваа бројка би била двојно помала доколку термините биле навреме откажани.

На пример, на ортопедија каде има најмногу пациенти и подолга листа на чекање во Скопје (во просек над 20 дена) – во рок од 10 месеци не се искористиле 27,000 термини, просечно по 2,700 месечно. Ако се смета дека еден доктор ортопед прегледува по 24 пациенти дневно два пати неделно (останатите денови или оперира или е дежурен на одделение) гледано математички беспотребно биле зафатени термини кај 14 доктори ортопеди во еден месец, кои доколку би ги имале на располагање листите на чекање би се намалиле на максимум 2 дена.

– Во контекст на приоритетните упати, кои се издаваат без точно време за преглед и важат 7 дена, тоа практично не враќа во времето кога не се знаеше кој пациент кога ќе биде примен и сериозно размислуваме ова да го решиме. Друг важен аспект на кој сакам да се осврнам и да иницирам дебата во јавноста, е дали е етички и културно да се закажува термин кај доктор, а потоа без навремено откажување на терминот, пациентот да не се појави на прегледот, вели Тодоров.

Тој посочи дека загубата на здравствениот систем за овие изгубени часови од неискористени термини изнесува над 13 милиони денари, односно околу 217 илјади евра. Станува збор за голема сума, која во спротивен случај би останала во здравствениот систем и овие средства би се искористиле за негово подобрување.

Апелираше за навремено откажување на термините, со јавување на телефонскиот број 15 444 или со праќање на СМС порака на бројот 144 194 со содржина број на упат.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.