Околу 5 илјади пушки пронајдени на боливискиот брод Хадад 1 во Грција

Грчките власти пронашле 4.881 пушки во боливискиот брод Хадад 1, кој од вторникот се наоѓа на пристаништето Ираклион на Крит.

Пушките пронајдени на Хадад 1 биле соодветни за користење при урбано војување, а биле пронајдени и 491.881 парчиња муниција од девет милиметри. Во повеќето контејнери биле пронајдени и голем број илегални цигари.

Постапувајќи по разузнавачки информации, грчката крајбрежна стража, придружувана од воени специјални сили, во вторникот го пресретна бродот и по извршената инспекција, на него пронајде контејнер со оружје. Тој пловел од Турција кон Либија. Потоа бродот Хадад 1 беше одведен на пристаништето Ираклион на Крит.

Бродот Хадад 1, кој пловел под боливиско знаме, има седум член екипаж составен од Сиријци, Египјани и Индијци кои се изведени пред јавен обвинител.

„Катимерини“ прво јави дека бродот и припаѓа на грчка компанија, и оти сопственикот и операторот со бродот Хадад 1 се регистрирани на иста адреса во Пиреја. Сепак, според изнесени докази, компанијата која го поседува бродот е со седиште во Александрија, Египет и нема никаква поврзаност со Грција.