Околу 50 лица евакуирани поради пожар во Хрватска

Педесетина жители вчеравечер беа принудени да ги напуштат своите домови поради голем пожар на хрватскиот полуостров Пелешац.

Горат два километри густа борова шума и наспроти напорите на противпожарните екипи огнот околу три часот наутро се доближи до куќите во Трстеник, кој речиси целосно беше евакуиран, пишува хрватскиот портал Индекс.хр, пренесува МИА.

Тешка е ситуацијата и во регионот на Смоквица на островот Корчула, каде избувна пожар за време на викендот. Откако пожарот беше локализиран од североисточна страна, вчера огнот повторно излезе надвор од контрола. Најкритично е во регионот на Брно, каде огнот досега зафати над 500 хектари борова шума.

Освен противпожарни екипи во гаснењето на пожарот учествуваат и специјални авиони за гаснење на пожари.