Околу 500 деца на божикен ручек во Прилеп

Околу 500 деца од цела Македонија денеска беа заедно на божикната свечена трпеза во Прилеп. Детската амбасада за сите деца во светот денеска на големиот празник Христовото раѓање, Божик по 10-ти пат го организираше божикниот ручек за децата без родители, за децата на загинатите бранители, за децата со посебни потреби, за децата од сите верски заендици и за децата, членови на Детската амбасада.

Заедничкото дружење на младите почна со божикни песни и со претставувањето на заветните сцени од раѓањето на Исус Христос во Витлеем.

За организаторот, Детската амбасада за сите деца во светот чест е што ова божикно заедничко дружење на децата е успешно веќе десет години.

Ова ни е традицонална божикна средба со децата, јубилејна по 10-ти пат. Тука со нас се околу 500 деца од сите ранливи категории и речиси од сите градови во земјава. Пристигнаа децата од Скопје, Охрид, Битола, Струмица, од Прилеп, од Куманово. Под мотото „Едно небо за сите деца“ седнаа на заедничка трпеза и го прославуваме Христовото раѓање. Овој ден е значаен за сите нас, традицијата ќе продолжи и радоста е преголема. Им посакувам на сите деца добро здравје и благосостојба, вели Александра Северкоска Стојаноски, извршен директор на Детската амбасада за сите деца во светот.

Ручекот го благослови владиката Петар кој изјави дека Божик, првенствено, е празник за децата.

Денеска е голема радоста за сите христијани, особено православните, а најголема радост за празникот е за децата. Желбата наша е да ја споделиме радоста со нив и да им посакаме да имаат добро детство, да растат безгрижно и како достојни граѓани, да бидат воспитани. Сакаме да покажеме дека денеска е празникот на децата, бидејќи Господ Бог посакал на денешен ден и тој да стане дете за нас и за нашето спасение, изјави владиката Петар.

Градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески на сите деца им подели подароци и им посака безгрижно детство и многу радост.

Локалната самоуправа со МПЦ и Детската амбасада за сите деца во светот  веќе 10 години заедно со децата од цела Македонија заедно го прославува најголемиот празник-Христовото раѓање и им посакувам многу здравје и радост, вели Ристески.

Своја божикна порака упатува и Јана Неделкоска, дете амбасадор на Детската амбасада.

Пораката е сите деца под едно небо да се здружиме и заедно да го прославуваме овој радосен празник – Христовото раѓање, вели Неделкоска.

За доброто расположение на заедничкиот божикен ручек на децата се погрижија нивните другарчиња со песничките од фестивалот „Ѕвездички“.

Организацијата по седми пат го додели и Орденот носител на мирот. Годинава и припадна на компанијата АД „Фершпед“.