Околу 8.000 туристи викендот го поминаа во Дојран

Околу 8.000, претежно домашни туристи, го поминуваат продолжениот викенд на брегот на Дојранското езеро, информираат од Дорајнското туристичко биро, пренесува МИА.

Туристичките работници велат дека за разлика од првомајските празници бројот на посетителите е скоро преполовен, но сепак изразуваат задоволство затоа што бележи тенденција на зголемување во споредба со овој период изминативе години.

Градоначалникот на Дојран Борче Стамов најави дека Општината во насока на нудење подобри услови во пресрет на летната сезона ќе преземе активности за создавање нови содржини кои ќе привлечат повеќе гости.

– Со концесионерот за риболов на Дојранското Езеро се договоривме за новата туристичка сезона на гостите да им понудиме две платформи за капење на централните плажи и три колиби кои ќе ги подигнеме во Езерото на потегот од центарот на Стар Дојран до граничниот премин со Грција. Колибите ќе бидат во стилот на оние од пред шеесет па и стотина години, кои им го олеснуваа риболовот на дојранските рибари. Со тоа на Дојран ќе му го вратиме симболот, а на туристите ќе им понудиме нова атракција, истакна градоначалникот Стамов за МИА.