Околу 9.000 лица починале од ебола во Африка

Жртвите на епидемијата од ебола во Западна Африка веќе се 8.959, а заразените се 22.444 лица, соопшти Светската здравствена организација (СЗО), пишува МИА.

Починати од болеста во Либерија се 3.739, а заразени се 8.729. Бројот на смртни случаи во Сиера Леоне е помал  3.276, но заразени се најмногу -10.740 лица. Во Гвинеја, од каде почна епидемијата, и починатите и заразените се значително помалку  1.944 и 2.975 лица.
Помалку од 40 отсто од ветените средства до крајот на 2014 година од речиси 2,9 милијарди долари стигнале до засегнатите земји, покажува истражувањето на Службата за координирање на хуманитарните дејности на ОН.
Според истражувањето, само 1,09 милијарди долари стигнале до најтешко настраданите држави до крајот на минатата година.
– Тоа забавување веројатно придонело за ширење на вирусот и ги зголемило финансиските потреби- изјави шефот на истражувањето Карен Грепин, експерт за светската здравствена политика на Њујоршкиот универзитет.