Околу 90.000 Рохинги побегнале пред насилствата во Мијанмар

Близу 90.000 припадници на муслиманската етничка заедница Рохинга (Рохинџа) пребегнале во соседен Бангладеш пред насилствата коишто избувнаа во Мијанмар од крајот на јули, ицрпувајќи ги оскудните ресурси на хуманитарните агенции коишто веќе им помагаат на илјадниците бегалци пред претходните изливи на насилства.

Последните насилства во Мијанмар започнаа со координираните напади на бунтовниците од заедницата Рохинга на 25-ти јули врз 30 полициски станици и воена база, по што следеше противофанзива во којашто се убиени најмалку 400 луѓе.

Мијанмарските власти ги обвинуваат бунтовниците од Рохинга дека ги палат домовите на своите сонародници и за цивилни жртви, но бегалците и групи за заштита на човековите права велат дека целта на насилствата од страна на мијанмарската војска е да се протераат сите 1,1 милион припадници на ова муслиманско малцинство од земјата во којашто мнозинството население е будистичко.

Бројот на лицата кои ја минале границата кон Бангладеш изнесува 87.000, и го надмина вкупниот број на Рохингите кои побегнале од Мијанмар по многу помалиот напад на бунтовниците во октомври 2016 година по кој започна воена операција којашто западните невладини организации ја следеа со обвинувања дека тешко се нарушуваат човековите права.

Според последните податоци кои се засновани на сознанијата на хуманитарните службеници на Обединетите нации, во бангладешкото погранично подрачје Кокс Базар, близу 150.000 Рохинги од ланскиот октомври побарале спас пред насилствата.