Околу десет милиони деца во Турција живеат во беда

Околу десет милиони деца во Турција живеат во сиромаштија, покажува истражувањето на Центарот за економски и општествени истражувања и анализи при универзитетот Башчешехир во Истанбул, пренесе МИА.

Во источните окрузи на Турција процентот на сиромаштија меѓу децата достигна 60 до 70 отсто, при што во Југоисточна Анадолија три од секои четири деца живеат во сиромаштија.Во западните турски окрузи тој процент е од 30 до 40.

Според истражувањето четири од пет деца во источните окрузи немаат можност да заминат на одмор, а половина од децата најмалку три пати неделно не јадат месо и млечни производи.

Околу 82,5 отсто од децата во Турција немаат можност да заминат на одмор надвор од своето родно место, а 55,9 отсто од семејствата со деца немаат автомобил.

Авторите на истражувањето тврдат дека иднината на овие деца е во неизвесност, со оглед на тоа дека владините политики за раѓање повеќе деца не се во согласност со овие фактори.

Според стандарите на Европската унија во 2013 година највисок процент на сиромаштија меѓу децата има во Турција. Тој е повисок од земји како Бугарија и Романија, кои се сметаат за најсиромашни во ЕУ, а исто така и од Грција, која е во економска криза.