Околу две милијарди луѓе немаат пристап до банкарски услуги

Две милијарди луѓе во светот сè уште немаат пристап до банкарски услуги, и покрај тоа што последните неколку години расте бројот на сиромашни кои отвораат банкарски сметки, покажува најновото истражување на Светска банка.

Глобал Финдекс Индексот, што го изработува Светска банка, покажува дека моментално 62 отсто од луѓето ширум светот користат финансиски услуги преку банките или мобилните оператори, што е зголемување во однос на 51 отсто во 2011 година.

Според податоците, речиси 700 милиони луѓе запрв пат отвориле банкарска сметка, или користеле услуга за плаќање преку мобилен телефон во периодот од 2011 до 2014 година, што е голем исчекор во овозможувањето сите да имаат пристап до финансиските услуги, за што експертите сметаат дека е клучно во борбата против глобалната сиромаштија.

Сепак, се уште дури две милијарди луѓе на глобално ниво и понатаму се без пристап до банкарски услуги од кои повеќето се од земјите во развој.

Во исто време, се уште е голем бројот и на оние кои и покрај тоа што имаат банкарска сметка, обавуваат исклучиво готови трансакии на плаќање а заштедата ја чуваат дома наместо во банка.

Направените истражувања укажуваат и на тоа дека домаќинствата со банкарски сметки подобро ги преживуваат финансиските шокови благодарение на пристапот до кредити и користењето на заштедите. Исто така, заштедите и кредитите можат да користат за проширување на малите компании и зголемување на земјоделското производство.

Претседателот на Светска банка Џим Јонг Ким објави дека целта е до 2020 година сите во светот да имаат пристап до финансии, бидејќи тоа е начин работниците со ниски примања да почнат да се искачуваат на економската скала.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.