„Окта“ го намалува бројот на вработени

До понеделник 186 вработени во рафинеријата „Окта“, кои се на списокот како кандидати за доброволно заминување од компанијата со исплата на испратнина треба да се изјаснат дали се согласуваат со понудените услови. На листата се вработени што имаат седум или помалку години до пензија, на кои им се нудат неколку варијанти за заминување. Така, на пример, оние што имаат пет години до пензија би добиле испратнина во висина на 36 плати, пренесува „Дневник“.

Вработените се во дилема што да прават бидејќи, според нив, како што сега стојат работите, прашање е дали рафинеријата некогаш повторно ќе биде капацитет кој преработува нафта оти сите производни постројки се исчистени и конзервирани, а работат само резервоарите за складирање и пумпите. Готови деривати во цистерни доаѓаат од Грција и тука се претоваруваат и се пласираат на домашниот и делумно на косовскиот пазар.

„Најверојатно, ќе прифатиме бидејќи може да се случи, со оглед дека немаме веќе производство, раководството да прогласи технолошки вишок и да нe` испрати дома со исплата на само 6 плати. Може да се случи и продажба на „Хеленик петролеум“, а со тоа и на нашата компанија“, велат некои од вработените што ги исполнуваат условите утврдени во програмата за заминување од рафинеријата, за весникот.

Од „Окта“ објаснуваат дека стандардна политика на компанијата е да им понуди можност на вработените доброволно да го прекинат работниот однос.

„Вакви програми континуирано се нудат во последните 10 години и се многу добро прифатени од вработените. Условите понудени во овие програми се секогаш во претходна координација со вработените и со синдикатот, со што им се овозможува навистина поволен финансиски надоместок. Последната ваква програма беше успешно завршена на 31 декември 2013 година, со што вкупниот број вработени во „Окта“ во моментов изнесува 629. Очекуваме истата практика да продолжи и во 2014 година. Доколку програмата е соодветно прифатена и ја добие финалната потврда, од Управниот одбор на компанијата се очекува процесот да биде целосно завршен до крајот на оваа година“, информираат од рафинеријата за „Дневник“.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија потврдуваат дека на вработените во „Окта“ им била дадена понуда за заминување со испратнина, при што биле прифатени нивните забелешки. Според нив, со оглед на висината на платите во компанијата, понудата е поповолна за оние што имаат помалку години до пензија, а нешто полоша за оние со повеќе години до пензионирање. Меѓутоа, посочуваат од Синдикатот, заминувањето е на доброволна основа и досега во „Окта“ не се случило заминување со прогласување на технолошки вишок.

Рафинеријата не преработува сурова нафта повеќе од една година. Менаџментот на компанијата изјави дека е тоа во интерес и на сопствениците, но и на вработените бидејќи производството создава загуба. Според нивните пресметки, при работа се создаваат загуби од 70 до 75 долари за секој преработен тон сурова нафта.

Нафтоводот сe уште празен

Дизел-гориво се’ уште не е потечено низ нафтоводот „Вардакс“. Kомпанијата планираше истиот да се исчисти и да се пренамени за транспорт на дизел-гориво, кое е најбарано на пазарот. За таа цел направено е приспособување на постројките, а и чистењето се одвивало со забрзан интензитет бидејќи, според плановите, се очекуваше првите количини дизел да потечат на крајот од декември. Тогаш требаше да се направи прва пробна испорака, по што ќе се донесеше конечна одлука дали со ваков транспорт ќе се продолжи и во иднина.

Од „Окта“ нема информации до каде е постапката.

Македонската влада не даде согласност за пренамена на нафтоводот во продуктовод, иако овој став не може да влијае врз конечната одлука бидејќи има само 20 отсто акции во „Вардакс“.

Подобрени финансиски резултати

Финансиските резултати на „Окта“ за третиот квартал од 2013 се подобрени во однос на истиот квартал лани.

„Стабилизираниот обем на продажба, еднакво на домашниот и на странскиот пазар, доведе до бруто-добивка од 430 милиони денари и нето-добивка од 156 милиони денари. Позитивниот тренд на финансиските перформанси започнува во вториот квартал, а продолжува во третиот квартал од 2013 година. Најзначајна причина за ваквото подобрување е продолжување на ефектот од воведените промени во комерцијалната политика, како и подобрувањето на ефикасноста во организационата структура. И покрај предизвикувачките услови, како внатрешни така и надворешни, ќе продолжиме да функционираме како една од најголемите компании во земјата работејќи во интерес на сите заинтересирани страни“, соопштија од компанијата во информацијата доставена до Берзата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.