Оланд го повика Кери заеднички да одговорат на нападите на Франција

Францускиот претседател Франсоа Оланд го повика денеска американскиот државен секретар Џон Кери да ги пронајдат заедно „потребните одговори“ за џихадистичките напади во Франција минатата недела, пренесе МИА.

– Вие исто така бевте цел на терористички напад на 11 септември 2001 година. Треба заедно да ги пронајдеме неопходните одговори. Тоа е смислата на нашата денешна средба, рече Оланд.

– Сочувствуваме со маката на францускиот народ. Сочувството на американскиот народ е мошне искрено, изјави Кери, кој пристигна во Париз за да им оддаде почит на 17-мината загинати во нападите.

– Ве набљудувавме како Вие и надлежните тимови мошне елегантно и стручно ги водевте операциите. Го набљудуваме исто така и францускиот народ, кој се обедини, како важен пример за целиот свет. Со приврзаност кон слободата и идеалите Франција испрати порака до целиот свет. Нашите срца се со вашите и јас сакам лично да го споделам ова мислење, посочи Кери.