Оланд: Ќе ги испорачаме бродовите на Русија, ако не бидат воведени нови санкции

Франција ќе ги испорача двата носачи на хеликоптери „Мистрал“ на Русија, доколку не бидат воведени европски економски санкции кон Москва, изјави пред вчерашната средба на Г-7 во Брисел претседателот на Франција Франсоа Оланд, пренесоа медиумите.

„Франција ќе го исполни својот договор и не гледа основа да не ги испорача бродовите во предвидениот рок. Се разбира во случај на вонредни околности, ако на Русија и бидат воведени европски економски санкции, тогаш ситуацијата е различна. Но, во спротивно Франција ќе ги исполни обврските“, нагласил Оланд.

Според Оланд, како што јави ИТАР-ТАСС, таа обврска произлегува од договор склучен во 2011 година.

„Тој беше и останува во сила. До денес нема никакви санкции од трета фаза во однос на Русија. Значи договорот останува да важи. Ако до октомври не бидат воведени никакви нови санкции, бродовите ќе и бидат испорачани на Русија“, истакнал Оланд.

Францускиот претседател додал дека не треба да се заборави дека раскинувањето на договорот предвидува компензација од „многу милијарди евра“.