Оланд и Меркел се заложија за деескалација во Руско-турските односи

Франција сака да види деескалација во Руско-турските односи по инцидентот со соборувањето на рускиот авион, изјави вчера францускиот претседател Франсоа Оланд, по средбата со германската канцеларка Ангела Меркел, пренесува МИА, повикувајќи се на ТАСС.

Тоа што се случи е мошне сериозен инцидент. Ние сме за деескалација. Потребно е да сториме се што е можно со цел што побрзо да се обнови дијалогот меѓу Русија и Турција, рече Оланд.

Германија да стори повеќе во борбата против Исламска држава

На заедничката прес-конференција со Меркел, Оланд ја повика Германија да стори повеќе во борбата против Исламска држава.

Не можеме едноставно да преземаме мерки во Франција,  Германија, во Европа. Потребно е да ги насочиме нашите напори кон самиот извор, додаде Оланд.

Тој додаде дека светските сили треба заедно да работат за да се спречи натамошното влошување на односите меѓу Русија и Турција, откако турските сили го соборија рускиот авион.

Оланд денеска во посета на Русија

Оланд истакна дека планира на денешната средба со рускиот претседател Владимир Путин да потенцира дека сите треба да се борат против Исламска држава.

Средба меѓу Меркел, Оланд и Путин
Средба меѓу Меркел, Оланд и Путин

Посетата на Оланд на Русија е мошне важна за борбата против ИД и за продолжување на политичкиот процес во Сирија, рече Меркел.

Нашиот заеднички непријател е тероризмот, нашата заедничка цел е да дејствуваме одлучно. Бидејќи ИД не може да биде убедена, таа треба да биде победена со воени средства, додаде германската канцеларка.

Таа изрази надеж дека уривањето на рускиот бомбардер Су-24 нема да претставува чекор назад во дипломатските напори за решавање на ситуацијата во Сирија.