Оланд, Меркел и Ципрас телефонски разговараа за грчкиот долг

Францускиот претседател Франсоа Оланд, германската канцеларка Ангела Меркел и грчкиот премиер Алексис Ципрас синоќа телефонски разговараа за постигнување напредок во преговорите за грчкиот долг, пренесува МИА, повикувајќи се на француските медиуми.

Тристраниот телефонски разговор се одржа синоќа пред самитот на Г-7 во Германија.

-Тие ја разгледаа ситуацијата за да помогнат во постигнувањето напредок во преговорите меѓу Грција и нејзините кредитори: Меѓународниот монетарен фонд, Европската централна банка и ЕУ, информира изворот на ЕУ.

Преговорите меѓу Атина и овие институции ќе бидат една од темите ма дневниот ред на средбата на врвот на Г-7 денеска и утре, која ќе се одржи под претседателство на Меркел. На неа ќе присуствуват и претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, како и извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард. Можно е на средбата да присуствува и претседателот на Европската централна банка Марио Драги.

фото: thetoc.gr