Оланд „срдечно“ му честиташе на Макрон, во ЕУ здивнаа, му честиташе и Лепен

Францускиот претседател на заминување Франсоа Оланд му упатил во неделата вечерта „срдечни честитки“ на својот наследник и негов поранешен министер за економија Емануел Макрон на „големата победа“ во трката со кандидатката на крајната десница Марин Лепен, соопшти Елисејскиот дворец.

„Го повикав вечерва Емануел Макрон и му упатив срдечни честитки на изборот за претседател на Републиката“, се наведува во писмената изјава на претседателот на заминување Оланд.

Челниците од земјите членки на Европската унија, исто така, реагираа многу брзо по затворањето на избирачките места во Франција и му честитаа на новоизбраниот претседател Макрон, кој во кампањата се залагаше за јакнење на Унијата, наспроти неговата противкандидатка Марин Лепен.

Во прв ред чeститките беа упатени преку социјалните мрежи и пристигнаа најмногу од германските политички функционери, како и од челниците на сите институции на Европската унија.

Претходно лидерката на Националниот фронт му честиташе на нејзиниот ривал на изборната победа, челникот на движењето Напред, заблагодарувајќи им се на гласачите, за сепак, историскиот успех на француските претседателски избори.

„Французите го избраа новиот претседател на Франција, гласаа за продолжување (на претходниот курс). Му се јавив на господин Макрон да му честитам на неговиот избор“, рече Лепен.

„Сакам да им се заблагодарам на 11-те милиони Французи кои ми ги дадоа гласовите и својата доверба, како и на приврзаниците кои ме поддржуваа во текот на претседателската кампања. Сакам, исто така, да му се заблагодарам на Николас Дупон-Ењан, кој ме поддржа, за неговиот храбар избор“, додаде Лепен.

Пред вториот круг, Дупон-Ењан, челник на суверенистичката партија кој попрвиот круг беше пласиран на шестото место од 11 претседателски кандидати, склучи предизборна коалиција со Лепен, што е незапаметен потег некоја политичка партија да коалицира со Националниот фронт. Според тој договор, доколку победеше Лепен, Дупон-Ењан ќе беше именуван за премиер на нејзината влада.

Лепен, исто така, истакна дека Националниот фронт мора да се подготвува за парламентарните избори и да стане нова политичка сила во Франција.

Според првичните резултати, Макрон освоил 60 до 62 отсто од гласовите на изборите со историски најмал одѕив од 1969 година, и со мноштво празни и неважечки гласачки ливчиња. Лепен, според тоа освоила меѓу 35 и речиси 40 отсто од гласовите. Притоа, според показателите таа го победила својот противкандидат во неколку департмани на северот од Франција.