Оланд во недела му ја предава должноста на Макрон

Предавањето на должноста на новоизбраниот француски претседател Емануел Макрон, кој според конечните резултати победил со 66,10 отсто од гласовите на излезените избирачи, ќе се одржи во неделата во Елисејскиот дворец најави во понеделникот претседател на заминување Франсоа Оланд.

Социјалистичкиот претседател со историски најнизок рејтинг Франсоа Оланд предавањето на должноста го најави по повод прославата на Денот на победата – 8 мај, крај Триумфалната порта во Париз, на којашто беше придружуван од својот наследник во Елисејскиот дворец, центристот Емануел Макрон. Ова беше нивното прво заедничко појавување во јавноста откако Макрон во август 2016 година ја напушти владата на Оланд како министер за економија, а неколку месеци подоцна го формираше движењето Напред кое ја истакна неговата кандидатура на штотуку завршените претседателски избори.

Оланд изјави дека е „многу трогнат“ што на пригодна свеченост ќе може „да му даде насоки за работењето“ на Макрон, кој прво го следел во политиката, а потоа „замина по друг пат“, но не го предал.

Проевропскиот самодеклариран центрист Емануел Макрон е избран во неделата за француски претседател со 66,10 отсто од гласовите, а неговата противкандидатка од крајната десница Марин Лепен освоила 33,90 отсто, покажуваат конечните резлтати од изборите кои во понеделникот ги објави министерството за внатрешни работи.

На избирачките места не излегле 25,44 отсто од избирачите, што претставува неславен историски рекорд, а толку големата за француски прилики апстиненијца на гласачите зборува за разочараноста на гласачите од кандидатите коишто влегоа во вториот круг. Покрај тоа, голем е и бројот на неважечки и празни гласачки ливчиња.

Од попладнето во неделата започнаа протести во Париз против Макрон, кои во текот на изминатата ноќе се претворија во насилни и во судири со полицијата. Полицијата објави дека привела 150 лица од безредијата. Во североисточниот арондисман Милмонтан се приведени лица поради уништување јавен и приватен имот, како и поради напади врз полицијата.

Дeмонстрантите го изразуваа своето незадоволство против Макрон, кого многумина од левицата и особено крајната левица го сметаат за припадник на елитата којашто го спроведува глобалниот империјализам. Некои од повеќето протести во француската престолнина беа насочени и против Марин Лепен.

Големиот француски лево ориентиран синдикат CGT планира демонстрации во Париз кои ќе се одржат според најавата доцна попладнето во понеделник, и со коишто ќе се искаже протест против либералните политики коишто ги заговара новиот шеф на државата Емануел Макрон.