Свет

Оланд: Заканите на кои е изложена Франција не завршија

Оланд: Заканите на кои е изложена Франција не завршија

Францускиот претседател Франсоа Оланд во вечерашното обраќање до нацијата изјави дека Франција „се соочила со тероризмот“ и дека и тој лично ќе го предводи маршот закажан во недела во Париз во знак на почит на жртвите на терористичките напади, јави МИА.

– Ние сме свесни дека успеавме да се соочиме со тероризмот. Но, заканите на кои е изложена Франција не завршија – ги предупреди Оланд своите сонародници, додавајќи дека „ќе бидат засилени мерките за да се заштитат јавните места“.

Поздравувајќи ја „храброста и ефикасноста“ на силите на редот, Оланд рече дека тие ги спасиле животите на заложниците и ги неутрализирале терористите.

Осудувајќи го нападот во продавницата за кошер производи во Порт де Вансан во Париз како „страшен антисемитски чин“, Оланд ги повика Французите на „внимателност, единство и мобилизација“.

Во продавницата беа убиен четворица заложници, четворица други беа тешко ранети.

Манифестирајќи пркос пред терористичките закани, францускиот претседател најави дека в недела ќе биде дел од маршот во Париз, иако безбедносните служби не му го советуваат.

Оланд нема да биде сам, покрај него, како што соопшти Ке Д’Оресеј, ќе маршира и германската канцеларка Ангела Меркел и повеќе странски лидери.

Оланд и Меркел имаа предвидено средба во Стразбур со претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, но таа беше откажана поради последните настани.

Од своја страна присуство на маршот во Париз најавија повеќе европски државници, како премиерите на Шпанија, Маријано Рахој, на Италија, Матео Ренци и на Велика Британија, Дејвид Камерон, како и претсдателите на Европскиот совет и на Европската комисија, Доналд Туск и Жан-Клод Јункер.