Свет

Оланд: Заминуваме во Минск со цврста определба да се постигне договор

Оланд: Заминуваме во Минск со цврста определба да се постигне договор

Францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека заедно со канцеларката Ангела Меркел заминува за Минск со цврста определба „да биде постигнат мировен договор за Украина“, јавува МИА.

– Ние имаме цврста определба да биде постигнат договор, иако не сме сигурни дека можеме да го направиме тоа., Секој треба да биде ставен пред својата одговорност, изјави Оланд пред заминувањето за Минск, додавајќи дека за ситуацијата во Украина повторно разговарал со Меркел.

– Заедно со канцеларката ќе бидеме посебно активни се до средбата во Минск, за да може да биде постигнат договор и сеопфатно решение, кое ќе дозволи враќање на мирот, нагласи Оланд.

Според францускиот претседател, сите страни имаат „интерес“ да биде постигнат договор.

– Прво Украина, за да може да ја врати стабилноста во рамките на територијалниот интегритет, но исто така и Русија за да има однос во согласност со своите интереси и историја, како и во согласност со нејзината иднина во Европската Унија, додаде Оланд.

Шефот на француската дипломатиј, Лоран Фабиус пред Националното собрание ги објасни ставовите на Париз за постигнувањето на договор во Минск.

– Принципите кои ние ги браниме се следните: веднаш да дојде до прекин на огнот, брзо повлекување на тешкото оружје, ефикасна контрола на границата, почитување на суверенитетот на Украина и изнаоѓање специфичен статут за населението на Донбас, со што остануваме на принципите од договорите од Минск, рече Фабиус.

Изутринава Фабиус како гостин на француското радио Франс Интер изјави дека самитот во Минск е „последната шанса“ за мирно решавање на украинската криза.