Олеснување за компаниите, поедноставна постапка со е-лизинг

Поедноставна постапка која заштедува време и пари од денес е овозможена со новиот електронски регистер за лизинг. Со е-лизингот предноста е што се овозможува целосно водење на постапките за упис, за промена и бришење во регистерот за лизинг преку електорнски пат без воопшто никаква потреба за доаѓање во Централниот регистар.

В.д. директорот на Централниот регистар Андреа Поповски истакна дека со оваа апликација задржани се сите функционалности во регистерот за лизинг, а електронското поднесување може да е изврши од било кое место.

-Системот за е-лизинг е целосно усогласен со останатите електронски услуги кои ги нуди Центраниот регистар, како и со системот за централизирано управување со корисници каде се применуваат дигиталните сертификати како средство за идентификација на поднесителот. Тоа значи дека системот за е-лизинг може да се користи преку истата платформа како и останатите електронски услуги, а таа платформа е веќе препознатива за бизнис заедницата, посочи Поповски.

Премиерот Никола Груевски кој присуствуваше на денешното промовирање на новиот систем истакна дека како Влада секојдневно работи на превземање мерки за подобрување на бизнис климата и олеснување на работата на фирмите.

Тој нагласи дека во изминатите години се превземени серија мерки и крупни реформи благодарение на што севкупната реформска кондиција на државата е во добра форма, што е потврдено од бројни меѓународни фактори.

-Последната од низата добри оценки за земјата пристигна од фондацијата Херитиџ според која Република Македонија и понатаму има најдобра позиција споредено со сите земји во регионот. Добри оценки пристигнаа и од Европската Комисија која во неодамнешниот извештај го потенцираше видливиот напредок во делот на економските критериуми за пристап во ЕУ. Слични оценки пристигнаа и од ММФ која прогнозираше дека оваа и наредната година Македонија ќе има најголем раст во регионот. Од големо значење е и извештајот на Дуинг бизнис на Светската банка според кој Македонија четири години по ред е меѓу најдобрите 10 реформатори во светот, истакна Груевски.