Олимпија или Роксана? Чија е гробницата во Амфиполис?

По сфингите и каријатидите, археолозите кои ги предводат ископувањата открија и трета комора, која е во опасност од колапс. Би-Би-Си ја објави скицата од гробницата што ја обелодени грчкото министерство за култура, пренесува Вечер.

По две години ископување на локалитетот, познат како Каста Тумулус, по името на ридот под кој е гробницата, археолозите успеаја да стигнат до внатрешните простории и да почнат да ги испитуваат. Не стивнуваат претпоставките за тоа чија е импресивната гробница во Амфиполис.

Тимот кој работи на ископувањата не дава изјава во врска со тоа, но тоа не ги спречи медиумите, археолозите и лаиците да се вклучат во играта на претпоставки. Археолозите се согласуваат дека величественоста на гробот значи дека е изграден за истакната личност – можеби член на потесното семејство на Александар, можеби неговата мајка Олимпија, неговата сопруга Роксана или некој друг Македонец – благородник. Некои претпоставуваат дека тоа можеби е гробот на синот Александар, а други, пак, велат дека тоа би можело да биде кенотаф. Но, само тимот кој ги врши ископувањата може да даде конечни одговори, а напредокот е бавен, бидејќи работниците откриле трета комора, која е во опасност од колапс.

Во текстот за гробот во Амфиполис кој датира од еврата на Александар Македонски, Би-Би-Си потенцира дека структурата датира од крајот на 4 век п.н.е. и ѕидот околу него е 500 метри во обем, што го засенува гробот на таткото на Александар, Филип Втори, во Вергина, западно од Солун.

– Ние со стравопочит и со длабоки емоции гледаме на ископувањата во Амфиполис. Ова е погребен споменик со уникатни димензии и импресивно уметничко мајсторство. Најубавите тајни се скриени токму под нашите нозе, вели за Би-Би-Си грчкиот министер за култура Константинос Тасоулас.

На почетокот на август, тим на грчките археолози предводени од Катерина Перистери ја открија гробницата за која велат дека е најголемата било кога откриена во земјата. Гробницата е во античкиот град Амфиполис, голем град на македонското кралство, 100 километри источно од Солун, вториот по големина град во Грција, пишува Би-Би-Си. Веќе е познато дека во карпата се издлабени две сфинги – митолошки суштества со тело на лав и глава на човек. Тие се поставени како чувари кои ја штитат влезната врата во гробницата. Во претсобјето има избледени остатоци од фрески, а подот е мозаик од бели камења поставени во црвена основа.

Внатре во гробот, археолозите открија два прекрасни големи мермерни столба во форма на жена со испружени раце, наречени каријатиди. Според археолозите испружените раце една кон друга на извајаните женски фигури било знак дека не смее да се влегува во просториите на гробницата и требало да ги спречи и обесхрабри натрапниците да влезат главната комора гробот. Каријатидите се направени од мермер од островот Тасос. Нови фотографии објавени на 21 септември открија дека каријатидите се високи 2.27 метри и се наоѓаат на околу 200 метри од влезот на гробот.

Ископувањето на локацијата е под 24-часовен надзор од двајца полицајци. Нивната мисија е да ги задржат подалеку резултатите од новинарите и странските туристи кои доаѓаат тука.

За локалното население не постои сомнеж дека во внатрешноста на мермерните ѕидови е закопан никој друг, освен Александар Македонски, бидејќи “само тој заслужува ваков споменик”. Сепак, историјата ги побива. И грчките археолози и Министерството за култура предупредуваат против таквите шпекулации, со оглед на тоа дека е познато дека Александар Велики бил закопан во Египет.

Историските податоци потврдуваат дека македонсклиот крал кој ја порази персиската армија, ги освои Азија и Египет и го основаше едно од најголемите кралства во антиката, умира во Вавилон во 323 година п.н.е. најверојатно од маларија или тифус. Според записите кои датираат од тоа време, по наредба на неговите најблиски соработници телото на Александар било балсамирано на тогаш единствениот познат начин, во мед и било поставено на погребната кочија која требало да го однесе до неговиот дом во Македонија, денешна северна Грција. Некаде попат, Птолемај кој е еден од омилените генерали на Александар и негов близок пријател, го зел трупот и го закопал во Египет.

Античкиот град – пристаниште Амфиполис, (денешен Амфиполи) е основан во 437 година п.н.е. Од страна на Атињаните во близина на рудниците за злато и сребро во ридовите на Пангаинон. Во 357 година п.н.е. Градот бил освоен од страна на Филип Втори Македонски, таткото на Александар Велики. За време на владеењето на Александар, Амфиполис бил главната база во Егејското море на флотата на Александар Македонски во походот кон Азија. Првото официјално искупвање на оваа локација почна во 1964 година, предводено од Димитрис Лазаридис.

Локалните жители се надеваат дека “добиле на лотарија”!

Откритието доведе до бран на грчката гордост и патриотизам и и помогна на нацијата, барем привремено, својата економска тешкотија да ја стави на страна.

Жителите на Амфиполи и Месолакиа се надеваат дека ова ќе трае доволно долго за да ги направат своите села туристички атракции и со тоа да дојдат до многу потребниот економски напредок. Селаните се надеваат дека добиле на лотарија. Локалното население веќе добива понуди за откуп на нивната земја, но, иако парите им се потребни, тие одолговлекуваат додека археолозите излезат со официјално известување.
– Пред откривањето на гробот, земјиштето не вредеше речиси ништо. Но, сега никој не го продава, вели за Би-Би-Си жител на Месолакиа.

Извор: Би-Би-Си

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.