Олимпијадата во Сочи руши рекорди: Најскапи и најобезбедувани до сега

За еден недела започнуваат Зимските Олимписки Игри во Сочи, а според експертите ова ќе бидат најскапите игри досега.

Според руските аналитичари, за одржувањето на ЗОИ во Сочи се потрошени 50 милијарди долари. Со тие пари, можат да бидат изградени најмалку 34 згради како највисоката зграда во светот, Бурж Калифа во Дубаи.

Освен најскапи, овие се и најобезбедувани игри во историја. За споредба, за време на игрите во Сочи за безбедноста на  спортистите и посетителите ќе се грижат 100.000 полицајци и војници, што е четири пати повеќе отколку олимписките игри во Лондон пред две години.

Уште еден интересен податок за ЗОИ  е тоа што Русите првпат олимпискиот факел го испратија и во вселената, каде што на 9 ноември 2013 година го прифатија двајца космонаути. Факелот не гореше бидејќи такво нешто е невозможно во такви услови, а палењето во вселенската станица било оценето како преризично. Факелот помина 65.000 км на патот до Сочи. Тој помина низ сите 83 региони и републики во Русија, а го носеа 14.000 лица, вклучувајќи го и највозрасниот, 101-годишниот пингпонгар.

Исто така на овие олимписки игри ќе бидат доделени и најголем број на медаи, дури 1300. За изработката на секој медал се потребни 18 часа, а тежат од 460 до 686 грама. Овие медали се уникатни бидејќи се изработени од специјални легури.

 

Руските медиуми најавуваат и спектакуларно отворање на ЗОИ. Вкупно 3.000 артисти и гимнастичари ќе настапат на три сцени на церемонијата на 7 февруари.