Македонија

ОМД: 71 години подоцна, Бугарија се’ уште не се извинила за депортирањето на македонските Евреи

ОМД: 71 години подоцна, Бугарија се’ уште не се извинила за депортирањето на македонските Евреи

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) ја одбележува со голема тага 71-годишнината од бугарската масовна депортација на смрт на речиси сета македонска еврејска заедница за време на Втората Светска војна.

ОМД ја повикува бугарската влада да признае јавно дека како директен резултат на соработката на бугарската фашистичка власт со нацистичка Германија, 7,144 македонски Евреи беа депортирани во нацистичките концентрациони логори во Треблинка во окупирана Полска. Исто така, ОМД силно ја повикува бугарската влада да го издаде долго очекуваното официјално извинување до македонската еврејска заедница.

Бугарија, како воен сојузник на нацистичка Германија, ја окупираше Македонија во 1941 година. Таа поднесе декрет со кој побара македонските Евреи да ја прекинат трговијата и да ја пренесат сопственоста на своите средства на Бугарија. На Евреите им беше забранет пристапот до одредени делови од градовите и беа принудени да се собираат во гета.

На 11 март 1943 година, бугарските вооружани сили уапсија Евреи од Битола и Штип и ги транспортираа во Монопол фабриката за тутун во Скопје, каде што заедно со Евреите од Скопје беа затворени, за депортација во нацистичките логори на смртта во Треблинка во окупирана Полска. Околку 7,200 Евреи беа собрани во Монопол без соодветна храна, вода и санитарни услови. Повремените насилства од страна на бугарските стражари беа неконтролирани, жените често беа силувани. Неколкумина Евреи успеале да побегнат. Околу 165 доктори и странски државјани биле ослободени.

Во серијата депортации кои започнаа на 22 март, бугарските војници заробија 7,144 македонски Евреи во бугарски запрежни коли, придружувајќи ги до Лапово, Југославија, за трансфер на нацистите. После шест дневно нехумано патување, македонските Евреи пристигнаа во Треблинка, и скоро сите беа веднаш убиени во гасни комори.

Во декември 1944 година, само околу 50 преживеани останаа да ја реконструираат македонската Еврејска заедница. Повеќето од нив побегнаа на териториите управувани од Италија или се приклучија на антифашистичкото партизанско движење, борејќи се против нацистите, рамо со рамо со лица од не-еврејско потекло.

По осамостојувањето на Македонија во 1991 година, македонската влада ја призна еврејската религија како една од официјалните религии во Уставот – единствена земја надвор од Израел која го направила тоа. Иако македонската еврејска заедница има само околу 200 членови, оваа тесна група работи заедно да ги оживее еврејските традиции, еврејскиот идентитет и еврејскиот живот. Тие изградија синагога, синагогата Бет Јаков, која беше прво изградената синагога на Балканот од крајот на Втората Светска војна.

Македонската влада создаде фонд на холокаустот на Република Македонија, во кој се алоцирани околу 18.5 милиони долари, за изградба на вечен спомен на Евреите убиени за време на холокаустот. Во март 2011 година во Скопје беше официјално отворен Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија. Тој претставува еден од четрите најголеми холокауст меморијални центри и музеи, од ваков вид, во светот, после Вашингтон Д.Ц., Берлин и Ерусалим. Делегација на ОМД го посети Центарот за време на 4тата глобална конференција на ОМД.

ОМД го повторува својот повик до бугарската влада да ја препознае историската улога на земјата во помагањето и поттикнувањето на холокаустот. Како членка на НАТО и Европската Унија, модерна Бугарија мора да се помири со своето трагично минато и официјално да се извини на македонската еврејска заедница.