ОМД бара оставка на Нимиц поради конфликт на интереси на неговата грчка секретарка

Вработувањето на нова секретарка во кабинетот на медијаторот на Обединетите нации во спорот за името на Република Македонијал, Метју Нимиц, којашто е од грчко потекло, и многубројните лични донации во знак на поддршка на носителот на Грчката група на пријатели, конгресменката Каролин Малони се причините поради кои Обединета македонска дијаспора (ОМД) бара оставка од медијаторот Нимиц поради конфликт на интереси.

„Со последниот обид од 17 јануари 2018 година, за наводното решавање на спорот, Обединетите Нации и нивниот медијатор Нимиц продолжуваат да ја прекршуваат Привремената спогодба од 1995 година и ја погазуваат Универзалната декларација за човекови права, каде е вклучен принципот за самоопределување. 137 земји-членки на ОН, меѓу кои и четири постојани членки на Советот за безбедност на ОН, ја признават Македонија под нејзиното име, но ОН се уште не го променува својот став и преку медијаторот Нимиц инсистира да Република Македонија продолжи со разговори за своето име“, се наведува во соопштението од ОМД.

Од ОМД апелираат до Владата на Република Македонија веднаш да ги прекине разговорите и да поднесе резолуција до ОН со јасно барање да биде призната под Република Македонија, а не привремената референца.

„Обврска на Нимиц, како медијатор на ОН, е да ја почитува пресудата на Меѓународниот суд за правда од 2011 година која тврди дека Грција ја прекрши Привремената спогодба со блокирањето на влезот на Македонија во НАТО“, се додава во соопштението.

Обединета македонска дијаспора во соопштението наведува дека активно ќе делува во сите држави да го промовира, а не уништи нашето македонско име, јазик и култура.