ОМД: Договорот со Бугарија е нејасен и контрадикторен

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) изразува загриженост заради, како што велат, непотполната, нејасната и контрадикторната содржина на договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и смета дека потпишувањето, како и евентуалната ратификација со моменталната содржина негативно би се одразило врз македонските национални интереси, но и на унапредување на долгорочните односи помеѓу Македонија и Бугарија.

– Договорот многу наликува на штетната Декларација која беше потпишана во 1999 и е во облик на продожение на истата. Со самата најава на подготовката на овој договор, ОМД очекуваше надминување на грешките и промена на ставот од 1999, но нацрт договорот го покажува спротивното. Наместо да се договара зад затворени врати, договорот требаше да биде објавен многу порано, со цел да и се овозможи на јавноста дебата со што би се составил во корист на заштита на македонските национални интереси, а не само на Бугарија, која го користи како уцена да ја поддржи Македонија за членство во евро-атлантските институции, порачува ОМД.

ОМД е со цврст став дека овој договор е контрадикторен во својата содржина.

– На крајот од воведниот текст на договорот, двете страни се повикуваат на почитување на принципите на повелбата на ОН, повелба каде во член 1 се наведени Рамноправните права и правото на самоопределување на народите. Спротивно на член 1 од повелбата на ОН, членот 11, точките 4, 5 и 6 од овој Договор се дијаметрално спротивни на повелбата на ОН и ја рефлектираат всушност негативната политика на Република Бугарија кон Република Македонија, посочуваат од ОМД.

За нив, Член 8 став 2 е контрадикторен и нејасен. За да се даде согласност на истиот, членовите на Комисијата треба да бидат назначени и надгледувани од независни експерти историчари чија што улога не би довела до конфликт на интерес. Член 8 став 3 остава отворен простор за интрепретација.

– Историските настани и личности мора да бидат наведени за да не се дозволи „делење“ на целокупната македонска историја. Без да навлегуваме во историски факти, кои би требало да бидат оставени на историчарите, треба да се прецизира точно кој дел од историјата ни е заеднички, за да може да се затвори можноста која моментално ја нуди содржината на договорот, Бугарија да изврши преписка на целосната македонската историја како своја, а не како посебна историја на македонскиот народ и држава. Како дел од Европското семејство на народи, и соседни земји, секако дека Бугарија и Македонија делат заедничка историја, меѓутоа интепретацијата на таа наша “заедничка историја“ не е иста, велат од ОМД.

Потенцираат дека Член 11 став 4 и став 5 од договорот се спротивни на Член 49 од Уставот на Република Македонија со што се отвора можност овој договор подоцна да биде изваден пред Уставниот суд и поништен по потпишувањето, создавајќи меѓународен скандал.

– ОМД препорачува да не се избрзува со потпишување на ваков неуставен и нејасен нацрт-договор. Во овој член би нагласиле дека Македонија е условена да не се меша во внатрешните работи на Бугарија, но истиот услов не е поставен и за Бугарија. Во овој случај, Македонија отстапува од борбата за културните и човековите права на македонското малцинство во Бугарија, што е крајно неприфатливо. ОМД исто така не се согласува со Член 11 став 6, со што се оспорува слободата на говор и слободата на медиумите. Иако крајот на договорот напоменува дека ќе биде потпишан на македонски и на бугарски јазик, никаде не се споменува признавање на македонскиот јазик, кој Бугарија го оспорува со години назад, потенцираат од ОМД и ја повикуваат сегашната и иидните влади да научат од грешките на претходните влади, и да се држат поцврсто за ставот на бранење на националните интереси на Република Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.