Македонија

ОМД изрази загриженост за политичката криза во Македонија

ОМД изрази загриженост за политичката криза во Македонија

Обединетата македонска дијаспора (ОМД), преку соопштение изрази загриженост за политичката криза во Република Македонија и ги повика Владата и опозицијата на интензивен дијалог за нејзино решавање под покровителство на двете највисоки институции во државата – Претседателот и Собранието, пренесува МИА.

– Најголем губитник од оваа ситуација е Македонија и македонскиот народ, и затоа бараме да се стави националниот интерес над партискиот со цел да се врати нормално функционирање на државните установи, се вели во соопштението од оваа организација на Македонците од дијаспората.

ОМД воедно смета дека е особено важно да се открие кој ја повредил слободата на граѓаните и ги прислушувал во голем број и долго време, како и дали имало повреда на демократијата во државата. Во таа насока, велат, истражните органи и судството имаат должност да ја истражат валидноста на снимките како и нивните импликации, а личностите засегнати со овие снимки мораат да сносат последици доколку извршиле криминал.

– Водејќи се со тоа што демократијата е најсилниот двигател напред на едно општество, ОМД бара Собранието да биде местото каде оваа криза треба да се надмине, и затоа уште еднаш апелира до опозицијата да се врати таму каде што припаѓа, во Собранието. ОМД ги повикува сите пратеници, како и претседателот Иванов, како највисоки институции во Македонија да ги обезбедат потребните демократски услови за конструктивен дијалог, независтност и неопходно институцијално решение за излез од кризата. Оваа ситуација го повредува меѓународниот углед на државата, и е голем тест за политичката зрелост на Република Македонија и веруваме дека државата и политичарите ќе бидат одлучни, несебични во покажување храброст за иднината на државата, порачуваат од ОМД.