среда, 26 јули 2017  |  Вести денес: 47

ОМД: Лидерите на двете најголеми партии да се фокусираат на националните интереси

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) апелира до лидерите на двете најголеми политички партии да ги остават личните интереси и да се фокусираат на националните интереси на државата.

омд

Поврзани вести

 

ОМД верува дека е крајно време сите политички лидери во Македонија да ја стават државата и нејзините граѓани на прво место, а воедно да се воздржат од говорот на омраза. Лидерите мора да покажат одговорност ако сакаат народот да ги следи нивните позитивни примери и лидерство. Исто така, лидерите треба да се фокусират на почитување и нагласување на Уставот кој што ги гарантира правата на сите државјани, вклучувајќи ги и правата на малцинствата, кои што веќе се и ги уживаат сите права на рамноправни граѓани загарантирани во самиот Устав. Само во тој случај, сите жители во државата ќе се чувствуваат рамноправни и рамногласни, а како резултат на тоа, повиците и идеите на некои политички лидери за двојазичност, кантонизација и федерализација на државата ќе згаснат и ќе бидат побиени од самите жители на државата, се вели во соопштението од ОМД.

Оттаму ги повикуваат и странските дипломати во Македонија да се воздржат од евентуални интервенции во внатрешната политика на државата, особено, како што се вели, во било каква форма на притисок врз лидерите на политичките партии околу составот на следната Влада.

Состојбата е чувствителна, и секое мешање и притисок кон една или друга партија може да доведе до зголемување на конфронтацијата помеѓу преставниците на политичките партии во државата, со што воедно може да предизвика сериозни и долготрајни меѓупартиски и меѓуетнички проблеми во Република Македонија, вели ОМД.

Според ОМД, на Македонија и е потребна одговорна влада во најбрзо време и конструктивна и ефективна опозиција.

Ние сме сигурни дека откако ќе биде формирана новата влада, дијаспората ќе биде таа што најмногу ќе и помогне на татковината. Како и секогаш досега, дијаспората со сите свои напори и можности ќе биде на распологање да помогне за социо-економското унапредување на Македонија, како и нејзиното евентуално полноправно членство во НАТО и ЕУ, доколку таквото членство не го попречува и оспорува уставното име на Македонија, и нашиот македонски јазик и идентитет, се наведува во соопштението.

Најчитани вести