Македонија

ОМД: Македонските лидери да се заложат за мирни и ненасилни протести

ОМД: Македонските лидери да се заложат за мирни и ненасилни протести

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) ги повикува сите македонски лидери и активисти да се заложат за одржување мирни и ненасилни протести и да дадат приоритет и волја за добар дијалог со цел постигнување обединетост и напреден пат за Македонија.

– Македонските граѓани мора да ја ставаат државата на прво место, а партиските несогласувања да бидат секундарни проблеми. Тоа е можност и јавно да ги артикулираат различните ставови за тоа како државата би требало да функционира што е суштина на демократското општество, наведува ОМД во денешното соопштение.

ОМД смета дека избраните македонски лидери мора да дадат отчет за своите активности и да бидат целосно транспарентни во извршувањето на нивните должности. ОМД недвосмислено верува дека владеењето на правото е апсолутен стандард, кој треба да се потврди со цел постоење на здраво и просперитетно демократско општество кое ќе напредува.

– ОМД ги повикува сите судски органи на Македонија веднаш да се испитаат, со соодветен процес и без заплашување, наводните злоупотреби на власта и активностите на оние кои се одговорни за поттикнување и извршување на активностите кои директно го прекршуваат законот, стои во соопштението.

ОМД ја нагласува и потребата Македонија да биде целосно интегрирана во евроатлантските институции, како полноправна членка на НАТО и на Европската унија.

– САД и ЕУ, вклучувајќи ги и нивните земји-членки Грција и Бугарија, мора да ги тргнат настрана нивните националистички агенди и да се согласат Македонија да се приклучи на НАТО и ЕУ без натамошно одложување. Политичката, социо-економската и безбедносната состојба на Македонија, како и стабилноста се најголем интерес за сите национални, регионални и меѓународни актери, порачува ОМД.

Според Обединетата македонска дијаспора, македонските граѓани се носители на крајната одлука и тие мора да ја ставаат иднината на Македонија на прво место со цел да се соберат плодовите на едно праведно и демократско општество на 21-от век.

Обединетата македонска дијаспора во соопштението до медиумите изразува, како што вели, длабока загриженост поради наводната злоупотреба на моќта од страна на македонските лидери од сите страни на политичкиот спектар и е многу вознемирена од неодамнешните насилства кои се случуваат во повеќе области во Македонија.