ОМД повикува на разум и одговорност во РМ

омд
Сметаат дека во овие историски моменти секој задоцнет искажан став е контрапродуктивен и води кон турбулентност и потсетуваат дека политичката платформа на Албанците потпишана во Тирана беше објавена на 7 јануари 2017, на Божик.

Нетранспарентните, тајните, многупати и со посредство на странски фактори изнудени политички решенија само и наштетија на младата македонска држава. Секое решение кое не е базирано на народното јавно мислење и здрава дебата води кон нестабилност и неизвесност, наведуваат од ОМД и от тие причини ги повикуваат народните избраници во Собранието на Република Македонија, кои го рефлектираат мултикултурниот карактер на државата, согласно својата одговорност и уставни ингеренции, веднаш да ја продолжат конститутивната седница, да ги повикаат политичките партии целосно транспарентно да им ги презентираат предлог програмите за влада и низ јавна собраниска дебата да се дискутираат и одлучат ставовите и опциите за иднината на земјата.

Недоделувањето на мандат за формирање на Влада од претседателот Иванов вчера треба да служи како поттик за партиските лидери на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да одговорат на моменталната состојба во која се наоѓа државата покажувајќи државотворност и патриотизам преку директни разговори во Собранието и издавање на заедничка декларација за целосна заштита на унитарноста и уставноста на Република Македонија. ОМД цврсто верува дека ова е единствен излез од кризата, стои во соопштението.

Во спротивно, додаваат, конспиративноста, тајноста на преговорите и договорите на политички партии и притисоците на странски фактор во внатрешните прашања на државата можат да доведат до несогледливи последици не само по Македонија, туку и по Балканот како регион воопшто.
Порачуваат дека разумот, совесноста, одговорноста кон предизвикот и лојалноста кон државата се особено важни во овие историски моменти.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.