ОМД: Просперитетот на Македонија зависи од слогата и индивидуалните вредности

Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) го поддржува сегашниот унитарен систем на власт во Македонија и постојаното признавање и интеграција на сите граѓани – без разлика на етничката припадност, религија или други квалификации – во политичкиот процес, стои во денешното соопштение од ОМД.

Во последните години, се вели во соопштението, е постигнат значаен напредок, но се уште е потребно да се работи во насока на осигурување на правичен и еднаков третман на сите граѓани. Во заеднички интерес на сите, се подвлекува, е да се обединат со цел надминување на сегашната криза преку јасно изјаснување против корупцијата, непотизмот и анархијата кои го попречија процесот на развој на Македонија кон демократија базирана на слободен пазар и класичните либерални принципи.

ОМД, се посочува во соопштението, се спротивставува на сите активности кои допринесуваат кон сегрегација на Македонија базирана на националност.

– ОМД верува дека Охридскиот рамковен договор од 2001 година – посебно одредбите кои предвидуваат квоти за етничките малцинства во судството, државните органи, државната и јавната администрација – беа штетни и доведоа кон ефективна институцијализација на сегрегацијата. Позициите во секој дел од општеството, без разлика дали во приватниот или јавниот сектор, треба да бидат пополнети врз основа на индивидуалните способности и достигнувања. Безбројни примери низ годините насекаде во светот докажаа дека сегрегацијата секогаш води кон неуспех. Македонија не е во можност да ја поддржува сегрегацијата преку федерализација и истовремено да очекува да просперира, стои во соопштението.

ОМД, се вели во соопштението, стои на ставот дека политичките партии не треба да бидат базирани на етнички или религиски разлики и поделби, туку треба да бидат базирани на заедничка политичка идеологија и вредности.