ОМД се залага за унапредување на Македонско – Австралиските односи

Унапредувањето на Австралиско-Македонските односи и зближување меѓу македонската заедница и австралиската Влада и Парламент беше тема на средбата меѓу делегацијата на Обединетата македонска дијаспора (ОМД) со Таниа Плиберсек, пратеник и заменик-лидер на опозицијата и министер во сенка за надворешни работи и меѓународен развој на Австралија, пренесува МИА.

Таниа Плиберсек е федерален пратеник за Сиднеј. По потекло е Словенка и е добро запознаена со предизвиците и можностите на Македонската интеграција во НАТО и ЕУ и ја разбира загриженоста на Австралиско-Македонската заедница во однос на австралиската политика за Македонија.

– Таниа Плиберсек е активен и влијателен член на опозицијата, на Австралиско-Македонската парламентарна пријателска група и на Здружението Постојан комитет за надворешни работи, одбрана и трговија. ОМД работи со овие институции за да ја подобри Австралиско-Македонската врска и да одржува блиски врски со австралиската Влада и Парламент, изјави директорот на ОМД Австралија, Ордан Андреевски.

Тој посочи дека Таниа Плиберсек, австралискиот министер за надворешни работи Џули Бишоп и други видни федерални членови на Претставничкиот дом и Сенатот во Австралија планираа да се сретнат со македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски во рамки на работната посета во Канбера што беше планирана за крајот на минатиот месец, но беше одложена за подоцна годинава.

– ОМД Австралија ја повикува Австралија да се приклучи кон стратегиски иницијативи за подобрување на мегународниот имиџ и влијание во меѓународните односи. Тоа подразбира повик за нова Бела книга на австралиската надворешна и трговска политика, парламентарна истрага за австралиската политика кон Македонија, повторен поттик Австралија да ја признае Македонија под уставното име за почеток на нова ера на блиски и значајни врски, посветување кон патоказот за унапредување на односите помеѓу Австралија и Македонија и изјава за осудување на неодамнешниот терористички напад врз Македонија и за поддршка на македонскиот суверенитет, безбедност и економски просперитет, рече Андреевски, посочувајќи дека ОМД започна и он-лајн петиција за поттик за прознавање на уставното име на Македонија од страна на Австралија.

Тој ги повика сите Македонци и македонски организации во Австралија да ги мобилизираат нивните социјални, економски и политички мрежи за да ги охрабрат нивните избрани претставници во Претставничкиот дом и во Сенатот за да се заложат за изградба на поблиски врски со Македонија и нејзината дијаспора.

– Се зависи од нашето ангажирање на сите заинтересирани странки и ефективност. Сега имаме историска можност да ги оствариме целите кои ја обединуваат нашата заедница во Австралија и да се поврзиме со Македонија, нагласи Андреевски.

Уште од 2004 година, прецизира, ОМД работи активно да основа национални, парламентарни и политички дебати во Австралија на низа важни прашања од јавната политика, надворешните работи и истражувачки прашања. Тоа вклучува начини за подобрување на билатералните односи помеѓу Австралија и Македонија; барања до австралискиот Парламент да се зголеми влијанието на прекуокеанските доселеници во Австралија, испитување на мултикултурализмот и социјална приклученост,…

Годинава се одбележува 20-годишнината од воспоставувањето на билатералните дипломатски односи  помеѓу Австралија и Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.