ОМД: Време е Грција да покаже лидерство

Пред посетата на грчкиот министер за надворешни работи и претседател на Европскиот Совет, Венизелос, Обединетата македонска дијаспорта смета дека е време Грција да превземе водечка улога и да ги помогне евроинтеграциите на Македонија.

“Треба двајца за танго за да се излези од сегашниот статус кво,” вели претседателот на ОМД, Методија А. Колоски. “Грчката стратегија на блокирање на Македонија ја загрозува стабилноста во регионот како и процесот на проширување на НАТО и ЕУ.”

ОМД го потсетува Венизелос дека и покрај се’ Грција и Македонија се соседи и дека имаат взаемен интерес од подобрувањето на нивните политички односи што ќе доведе до поголем економски просперитет, туристичка и културна соработка. Според статистиките, Грчки компании се едни од најбројните инвеститори во Македонија и нивните инвестиции се безбедни во Македонија.  Од друга страна македонските туристи се најбројни во Грција и ја помагат нивната локална економија.

“Откако ја превзеде улогата на претседател на Европскиот совет, Венизелос не дејствува како независен и објективен глас на Унијата, користејќи ја секоја можност да ја дискредитира Македонија во Брисел. Исто така тој пред целиот француски парламент ги навредуваше македонците, нарекувајќи го нашиот јазик псевдо-македонски,” изјави директорот на ОМД за Европа, Филип Алтипармаковски.

“И покрај петте препораки за започнување на преговори од страна на Европската Комисија, Венизелос продолжува да ја дезинформира европската јавност и политичари, дека Македонија не ги исполнува Копенхашките критериуми” рече Алтипармаковски. Тој потенцира дека оваа политика на двојни стандарди мора да престани. “Ниту Грција ни Бугарија не ги исполуваат Копенхашките критериуми доколку тие сега би биле кандидати за влез во Унијата,” заклучи Алтипармаковски.

Венизелос ќе патува за Македонија со автомобил од Приштина и во Скопје ќе се сретне со претседател Ѓорѓе Иванов, премиерот Никола Груевски, вицепремиерот за европски интеграции Фатмир Бесими, министерот за надворешни работи Никола Попоски, претседателот на ДУИ, Али Ахмети и претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Потоа тој ќе се врати во Приштина од каде што со авион ќе се упати кон Тирана.