Омер Кулиќ: Ќе ставиме точка на случајот „Трајковски“

Ќе ставиме точка на случајот „Трајковски“, вели Омер Кулиќ, главниот истражител на меѓународниот тим и претседател на Комисијата за воздухопловство при Министерството за сообраќај и комуникација на Босна и Херцеговина, во врска со новата истрага за падот на владиниот „кингер“ кај Ротемље, пред 10 години кога животот го загуби македонскиот претседател Борис Трајковски, со соработниците и членовите на екипажот.

„Апсолутно, ќе биде ставена точка на целиот случај. Се’ е разјаснето. Веќе не може да има прашања околу тоа“, изјави Кулиќ за агенцијата Анадолија, пренесе МИА.

Тој потврди дека новата истрага е завршена, но комисијата нема да ги презентира своите наоди на 10 годишнината од загинувањето на Трајковски, како што претходно беше најавено, туку во март или април годинава. Резултатите од истрагата најпрво ќе ги добие обвинителот на БиХ.

„Истрагата генерално е завршена. Остана да добиеме уште два-три ситни детали и тоа е тоа. Се работи за документи на службата. Остана тоа да го подготвиме, да ги дадеме мислењата кои мораме да ги пратиме и да ги објавиме“, изјавил Кулиќ.

Според Кулиќ, обвинителот на БиХ ќе одлучува, дали по негово мислење има елементи за некои кривични дела, а во соработка со обвинителот од Македонија ќе анализира, ќе се усогласува, ќе проценува што се случило.

Сепак, Кулиќ не може да каже дали истрагата оди во правец на тоа дека над Трајковски е извршен атентат, како што со години тврди адвокатот на дел од настрадните во несреќата Игњат Панчевски.

Истрагата за падот на владиниот „кингер“ повторно е отворена во јануари 2013 година на барање на Македонија, по собирањето на дополнителните докази од страна на македонското МВР.

На 26-ти февруари 2004 година во местотот Ротмиље, кај Мостар, во авионска несреќа загина македонскиот претседател Борис Трајковски со соработниците и членовите на екипажот. Првично беше заклучено дека причините за падот на авионот е процедурална грешка на пилотската екипа во фазта на слетување на Мостарскиот аеродром, а обвинителството на БиХ никого не обвини за авионската несреќа.