ОН: Епидемијата од ебола ќе се стави под контрола за три месеци

Специјалниот пратеник на ОН за ебола, Дејвид Набаро изрази надеж дека епидемијата од ебола би можела да биде ставена под контрола во наредните три месеци.

Тој за британски Би-Би-Си изјави дека бројот на случаи заболени брзо се зголемува, но поголемата општествена свест може да помогне вирусот да се стави под контрола.

Луѓето сфатија дека изолирањето на заболените е најдобар начин за спречување на пренесувањето, додаде тој

До сега е потврдено или постои сомневање за повеќе од 8300 случаи на ебола, а од таа болест починаа 4.033 лица од кои најмногу во западна Африка.

Најлошо погодени се Гвинеја, Либерија, Сиера Леоне, а случаи на заразени има во Нигерија, Сенегал, Шпанија и САД.

Бројот на новозаболени според неговите зборови е прилично застрашувачки, а болеста забрзано се шири.

На почетокот, многу земји од западна Африка, не сфатија дека станува збор за епидемија од инфективна болест.

„Мислам дека јавноста сега многу подобро го разбира проблемот што ме наведува да верувам дека ставањето на болеста под контрола во наредните три месеци е разумна цел,“ изјави Набаро.

Вирусот на ебола се шири со директен контакт со телесна течност на заразеното лице или животни.