Свет

ОН, ЕУ и НАТО бараат истрага за авионската несреќа во Украина

ОН, ЕУ и НАТО бараат истрага за авионската несреќа во Украина

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун синоќа изјави дека постои очигледна потреба за целосна и транспарентна меѓународна истрага за падот на малезискиот авион со 298 патници и членови на екипажот во источниот дел на Украина.

За денеска е закажана итна седница на Советот за безбедност на ОН, што ќе почне во 10 часот по локално време, односно 16 часот по средноевропско време, пренесе МИА.

Велика Британија, која побара одржување на итна седница на Советот за безбедност, исто така, побара да биде спроведена истрага под надзор на ОН.

Генералниот секретар на ОН изрази длабоко сочувство со семејствата на загинатите и малезискиот народ.

Шефовите на Европската унија и на НАТО синоќа изразија шокираност и жалење за загубените животи во авионската несреќа во Украина, каде од се уште непознати причини се урна патничкиот авион на “Малезија Ерлајнс”, при што загинаа 298 лица.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, водечката двојка на Унијата, Жозе Мануел Барозо и Херман ван Ромпуј, како и генералниот секретар на Алијансата, Андерс Фог Расмусен, побараа и темелна истрага за да се утврдат причините за големата несреќа.

„Шокирани сме од несреќата на малезискиот авион во Украина и трагичната загуба на толку многу животи. Граѓани од многу националности, вклучувајќи и од Европската унија беа убиени. Во име на ЕУ, сакаме да го пренесеме нашето најдлабоко сочувство до премиерите на Холандија и на Малезија, како и до владите на сите други засегнати земји и на семејствата на жртвите“, се наведува во заедничкото соопштение на Барозо и Ван Ромпуј, пренесе МИА.

Лидерите на Унијата, апелираат за итна и темелна истрага за причините за несреќата.

„Фактите и одговорности треба да се воспостават што е можно побрзо, а Европската унија ќе продолжи да го следи ова прашање многу внимателно“, порачаа претседателите на Европската комисија и на Европскиот совет.

Генералниот секретар на НАТО исто така порача дека е длабоко шокиран и натажен од несреќата на патничкиот авион на „Малезија ерлајнс“ во Украина.

„Искрено сочувство до семејствата и најблиските на жртвите и на сите оние погодени од оваа ужасна трагедија. Многу се јасни околностите на несреќата. Сепак, нестабилноста во регионот, предизвикана од руските сепаратисти, создаде поопасна ситуација. Важно е целосна меѓународна истрага да започне веднаш, без никакви пречки, за да се утврдат фактите и оние кои може да биде одговорни за ова треба брзо да бидат изведени пред лицето на правдата“, порачува Расмусен.

Од вкупно 298-те луѓе во авионот на „Малезија ерлајнс“ што се урна вчера во источниот дел на Украина, 154 биле државјани на Холандија, изјави синоќа потпретседателот на „Малезија ерлајнс“ Хуиб Гортер.

Гортер на конференција на амстердамскиот аеродром Схипхол, од кој полета авионот на летот МН17 за Куала Лумпур, изјави дека во авионот имало 283 патници и 15 членови на екипажот.

Освен најмалку 154 Холанѓани, меѓу патниците имало и 27 Австралијанци, 23 Малезијци, 11 Индонезијци, шест Британци, четворица Германци, четири Белгијци, тројца Филипинци и еден Канаѓанец, додека националноста на останатите 47 патници засега останува непозната, изјави Гортер.

Тој истакна дека сите 15 членови на екипажот биле Малезијци.

Трилатералната контакт група претставници на Украина, Русија и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) се сретна вчера во Киев и одржа видео конференција со претставници на проруските сили во регионот на Доњецк, кои прифатиле да исполнат неколку услови во врска со истрагата за падот на авионот на „Малезија ерлајнс“.

На состанокот одржан по падот на малезискиот патнички авион во источниот дел на Украина, претставници на проруските сили во регонот на Доњецк прифатиле да го затворат местото на несреќата и дозволат на локалните власти да почнат подготовки за извлекување на телата, се наведува во соопштението на ОБСЕ.

Проруските сили, исто така, прифатиле и гарантирање безбеден пристап за националната истражна комисија, вклучително и меѓународните истражувачи, во областите под нивна контрола. Според договорот ќе биде обезбеден и сигурен пристап и безбедносни гаранции на набљудувачите на ОБСЕ, се наведува во соопштението.

Претседателот на ОБСЕ и министер за надворешни работи на Швајцарија Дидие Буркхалтер изрази длабоко сочувство на семејствата на жртвите во падот на авионот на „Малезија ерлајнс“ во Источна Украина.

Малезискиот патнички авион, на летот МН17 од Амстердам до Куала Лумпур, се урна синоќа во источниот дел на Украина. Никој од 298 патници и членови на екипажот не ја преживеа несреќата.