ОН: Има показатели дека Исламска држава стигна до Авганистан

Најновите извештаи укажуваат дека екстремната џихадистичка организација Исламска држава стигна до Авганистан, изјави главниот претставник на ОН во Авганистан, Николас Хејсом, што го потврди и Русија, која до Советот за безбедност на ОН апелираше да го запре нејзиното ширење.

Хејсом во СБ на ОН кажа дека проценка на политичката мисија на ОН во Авганистан е дека Исламска држава се уште не е зацврстена во оваа земја, но дека владее загриженост заради нејзиниот потенцијал да понуди алтернатива околу која можат да се соберат различни бунтовнички групи, кои во моментов делуваат разединето.

Заменикот руски амбасадор во ОН, Владимир Сафронков, изјави дека Москва е загрижена заради зголемената опасност од тероризам во Авганистан и географската експанзија на активностите на Исламска држава со која се „шири радикалниот ислам“, пренесуваат американските медиуми.

Апелирајќи до СБ на ОН да го запре ширењето на оваа екстремистичка организација, Сафронков кажа дека Русија е загрижена заради „се почестите извештаи за влошување на ситуацијата во северен Авганистан“, во областите кои се граници со поранешните советски републики, а кои и натаму се „пријатели и сојузници на Русија“.

Тој додаде дека екстремистите на северот од Авганистан, што некогаш беше мирна област, активно вршат пропаганда и регрутираат и формираат база.

-Државите во овој регион со причина се загрижени за ваквиот развој на настаните. Формирањето на уште еден безбеден рај за борците и екстремистите апсолутно е неприфатливо, истакна Сафронков.

Амбасадорот на Авганистан во ОН, Захид Танин, се согласи дека има извештаи за тоа дека Исламска држава продира во новите области, како што е Авганистан, но изјави дека талибанците се главниот непријател кој и натаму се бори против неговата држава.

Тој додаде дека веројатно постојат и „некои фрагментирани групи со поекстремна ориентација“.

Хејсом, Сафронков и Танин збориваа на отворениот состанок на кој СБ на ОН едногласно изгласа продолжување на мандатот на мисијата на ОН во Авганистан до 17 март 2016 година.