Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права Зеид Ра’ад ал-Хусеин ја обвини во вторникот џихадистичката група Исламска држава (ИД) дека убила 163 лица кои на 1 јуни бегале од ирачкиот град Мосул за кој со месеци се водат жестоки борби.
„Свирепоста на Даеш (арапски акроним за поранешното име на Исламската држава) и другите терористички групации очигледно нема граници. Вчера соработнците ме известија дека телата на ирачки мажи, жени и деца уште лежат на улиците во населбата ал-Шира на западот на Мосул, откако Даеш ги убил за да не побегнат“, изјави Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права Зеид Ра’ад ал-Хусеин пред Советот за човекови права при светската организација
Во споменатиот кварт има и исчезнати, додал Зеид. Според неговиот портпарол Руперт Колвил, тие погубувања се извршни на 1 јуни.
Ирачката војска помогнат од шиитските милиции на копно и со поткрепа на меѓународната коалиција предводена од САД од октомври во 2016 година води голема офанзива за ослободување на Мосул од Исламската држава којашто овој втор по големина ирачки град го зазема во јуни 2014 година. По ослободувањето на источниот дел на Мосул во јануари, сега се прават обиди да бидат истиснати џихадистите од западниот дел од градот.
ОН кон крајот на мај оцени дека во делови на Мосул кои ги контролира Исламската држава останеле уште околу 200.000 цивили, повеќето во старото градско јадро кое е испреплетено со густо населени улички чиешто ослободувањето ќе биде извонредно тешко.