Нова инвестиција: „Џои маркетинг груп“ отвори кол центар во Скопје

Нова инвестиција: „Џои маркетинг груп“ отвори кол центар во Скопје
Нова инвестиција: „Џои маркетинг груп“ отвори кол центар во Скопје

Компанија од Босна и Херцеговина отвори кол центар во во Скопје. Главна дејност на „Џои маркетинг груп“ (Јoy- marketing group) е работа на кол центарот за германскиот пазар.

На отварањето беа присутни сопственикот на компанијата Мирсад Осмиќ и директорот на АСИПИРМ Висар Фида.

Сопственикот на компанијата за стартот најави 33 вработувања со тенденциja до крајот на годината таа бројка да порасне до 100 вработувања, а за 4 години да достигне над 500 вработени. Намерата е да се вработат повеќе млади луѓе кои активно го зборуваат германскиот јазик, исклучиво луѓе од Македонија кои ќе работат за потребите на пазарот во Германија.

Во моментот се присутни на пазарот во Босна и Херцеговина и Бугарија. Компанијата е присутна на пазарот во Европа речиси три години.

„Свесни сме за фактот дека Македонија е на значајното 12-то место во светот за водење на бизнис, според Дуинг бизнис и воедно тоа беше една од причините за нашето доаѓање во Македонија. Морам да бидам искрен дека Владата на Македонија заедно со Агенцијата за странски инвестиции ни излезе во пресрет и ни го покажаа патот и начинот како најлесно може да почнеме со работа и какви поволности се нудат за странските инвеститори и за околу 30 дена успеавме да го отвориме овој кол центар. Како фирма не сме многу долго на пазарот кога е во прашање работа на кол центар, работиме 3 години, но веќе имаме 170 вработени, а до месец мај очекуваме таа бројка да достигне до 300 вработени.  На првиот повик во Македонија се јавија 26 луѓе што за нас е фасцинантно, овде стекнавме впечаток дека луѓето, а особено младите луѓе сакаат да работат, а тоа е она што ни треба. Ни треба кадар кој ќе сака да ја почне својата кариера во оваа работа, а ние капитал за тоа имаме. Не кажувам дека од кол центар  може да се направи некоја кариера, но кариерата може да почне од оваа позиција. Во оваа прилика сакам да упатам повик до младите во Македонија да се пријават за работа, да ја посетат нашата веб страница (Joy – marketinggroup) да видат со што ние точно се занимаваме и да видат дека можеби ова е прилика за нив за да го почнат своето вработување кај нас. Ние во моментот работиме за сите добавувачи на струја во Германија, здравствено осигурување и истражување на пазарот на барање на различни фирми и од различни сектори од Германија”, изјави сопственикот на компанијата Мирсад Осмиќ.