Он – лајн пријавување на гостите од странство

Гостите од странство сега можете да ги пријавите он – лајн преку веб сајтот на Министерството за внатрешни работи, а од станицата треба само да земете заверена потврда.

Министерството за внатрешни работи на својот веб сајт постави апликација за пријавување престојувалиште.
-Со оваа апликација се крати на време, па сега не мора своите странски гости да ги носите во полициска станица со сите нивни и ваши документи да ги пријавите или на ден пред да си заминат да ги одјавите. Сега целата таа процедура може да се направи он-лајн со пополнување на формулар – велат од Министерството за внатрешни работи.

Од таму информираат дека согласно одредбите од Законот за странци, правните и физичките лица кои им даваат услуги на сместување на странците со наплата се должни да го пријават престојот на странецот на Министерството за внатрешни работи во рок од 12 часа од часот на давањето на услугата – ова се однесува најмногу за хотелите и хостелите, но и на сите приватници кои изнајмуваат соби.

Други лица кај кои странците престојуваат се должни да го пријават престојот на странецот во рок од 48 часа од часот на доаѓањето на странецот во полициската станица под чија надлежност е адресата на престој.

МВР, со цел да ја поедностави процедурата, притоа не ускратувајќи ја можноста пријавувањето да се врши и преку посета на надлежната ПС, преку официјалната веб страница на министерството им овозможува на правните, физички и други лица пријавувањето на престојувалиштето на странци или државјани на Република Македонија да го направат и по електронски пат, преку пополнувањето на приложената апликација.