ОН: Руски дипломат на чело на новото антитерористичко биро

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во средата на чело на новоотвореното биро за борба против тероризмот го постави еден од најискусните руски дипломати, давајќи ѝ со тоа на Москва една од главните позиции во седиштето на светската организација во Њујорк.

Рускиот специјален претставник за меѓународни организации во Виена, Владимир Воронков, откри за Reuters дека во вторникот се сретнал со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. Претходно во средата Reuters прв ја објави информацијата за неговото именување.

Портпаролот на ОН, Фахран Хак, изјави дека Воронков на новата должност „ќе даде стратешко водство на борбата на ОН против тероризмот и ќе учествува во процесот на носење одлуки“ во оваа организација. Хак истакна дека рускиот дипломат има повеќе од 30 години искуство во руските надворешни работи, како и дека првенствено работел на прашањата на ОН.

„Борбата против тероризмот е една од оние работи во којашто повеќето држави можат да соработуваат со Русија“, истакнал еден западен дипломат кој зборувал под услов да остане анонимен.

„Имаме многу поинакви погледи од Русија за тоа што може да се нарече тероризам и кој е соодветниот одговор, но барем е расправа којашто можеме полесно да ја водиме отколку онаа со политичките или мировните прашања“, додал дипломатот.

Претставници на четирите од петте членки на Советот за безбедност при ОН кои имаат право на вето изминатата деценија држеа некои од клучните позиции во ОН, а тоа се САД, Кина, Франција и Велика Британија, но никогаш Русија.

Во светската организација политичките прашања ги води Американец, мировните Французин, Британец е задолжен за хуманитарните, а Кинез за општествено-економските. Последните седум години виенското Биро на ОН за дрога и криминал го водеше Русин, петтата членка со право на вето.

„Може да се каже дека Русите не се доволно претставени во ОН на највисоките нивоа“, истакнува западниот дипломат.

Генералното собрание на ОН, коешто брои 193 членки, отворањето на Бирото за борба против тероризмот го одобри минатата седмица. Ова биро ќе им помогне на државите да ја имплементираат глобалната стратегија против тероризмот којашто е донесена во 2006 година. Стратегијата се разгледува на секои две години, а целта е да се соочи со условите кои доведуваат до ширење на тероризмот, да се донесат мерки за превенција и борба против него, да се изградат за тоа потребните капацитети на државите, како и да се осигурат човековите права и владеењето на правото во таа мисија.