ОН се подготвени да испратат дополнителна помош во Србија и БиХ

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Mун им се заблагодари на земјите-членки на Обединетите нации за брзата реакција на катастрофата предизвикана од поплавите на Балканот, додавајќи дека Светската организација е подготвена за испраќање дополнителна хуманитарна помош, доколку тоа биде побарано од неа.

„ Повеќе од 70.000 луѓе се евакуирани, а над 50 лица загинаа во БиХ, Србија и Хрватска. Илјадници куќи останаа без вода и електрична енергија, а до нив може да се стигне само со чамец“, се наведува во соопштението од кабинетот на генералниот секретар на ОН.

ОН и нивните партнери тесно соработуваат со државните власти, поддржувајќи ги напорите на координирање и проценката на штетите, како и давајќи помош и опрема.

Портпаролката на Светската програма за храна на ОН, Елизабет Бирс вчера во Женева истакна дека оваа агенција успеала да ги активира своите операции во погодените балкански држави за помалку од 36 часа од почетокот на поплавите.