ОН: Сиријците ќе станат најголема група бегалци во светот

За време на тековниот тригодишен конфликт во Сирија, земјата ја напуштиле 2.560.000 лица и во скоро време Сиријците може да станат најголемата група бегалци во светот. Ова го соопшти Високиот комесаријат на ОН за бегалци, пренесе „ИТАР-ТАСС“.

Започнатите демонстрации на 15 март 2011 година, постепено прераснаа во граѓанска војна, што повдо сега зеде повеќе од 130.000 жртви, од кои 10.000 деца.

„Во отсуство на видлив напредок во насока на политичкото решавање на конфликтот, Високиот комесаријат на ОН за бегалци предвидува дека бројот на бегалците во соседните земји на Сирија, ќе продолжи да се зголемува и ќе стане највисок во светот“, предупредуваат експертите на ОН.

Во моментов најголемата бегалска група во светот е на Авганистанците, кои бројат 2,6 милиони луѓе. Со оглед на фактот дека неколку илјади луѓе секојдневно ја напуштат Сирија, од Комесаријатот признаваат дека е прашање на неколку недели кога Сиријците ќе ја превземат „позицијата“ на Авганистанците. По оценка на службата, до крајот на годината бројот на сириските бегалци ќе достигне четири милиони луѓе, а повеќето од нив ќе останат во Либан, Јордан, Турција, Ирак и Египет.